Вучиќ: Курти е единствениот терорист на Косово

Претседателот на Србија Александар Вучиќ денеска изјави дека премиерот на Косово, Албин Курти го обвини неговиот син Данило за наводно вмешаност во настаните во Бањска на северот на Косово, нагласувајќи дека „единствениот терорист на Косово е Албин Курти, кој го убива и тероризира српскиот народ“.

Вучиќ реагираше на обвинувањата на министерот за полиција на Косово – Џељал Свечља против неговиот син Данило.

„Курти вечерва го обвини моето семејство, мојот првороден Данило, тој самиот не знае како дошол до ова, дека некако учествувал во, како што вели, терористичкиот напад во Бањска. Првата карактеристика на кукавиците што ја забележува секој е кога некој ги напаѓа туѓите семејства, децата, бидејќи тие секогаш изгледаат како најлесните мети. Данило, се разбира, нема ништо со ништо, освен што ги сака Србија и Косово и Метохија како дел од неа, во согласност со Повелбата на ОН“, напиша Вучиќ на својот Инстаграм профил.