Александар Вучиќ – лидерот на Српската напредна партија (СНС) и претседателски кандидат синоќа прогласи победа на претседателските и парламентарните избори во Србија и најави дека може самостојно да ја формира идната српска влада. Вучиќ на прес конференција кажа дека тој на претседателските избори, според избројаните 85 отсто гласови од цела Србија, гласовите од Косово и дијаспората, има освоено меѓу 59,9 и 60,1 отсто гласови, наспроти останатите кандидати, меѓу кои и опозицискиот кандидат од Обединета Србија Здравко Понош, кој освоил 17,7 отсто гласови.
„На парламентарните избори коалицијата на СНС освои 43,9 отсто или 124 пратенички мандати и на работ сме да можеме сами да ја формираме идната српска влада“ – рече Вучиќ.
Според него, опозициската Обединета Србија освоила 13, 6 отсто гласови, партијата на Ивица Дачиќ СПС освоила 11,4 гласови, Демократската партија на Србија (ДСС) и Нада има 5,3 отсто, коалицијата Мораме освоила 4,7 отсто, а цензусот го поминале и Двери и Заветници.
„Влијанието на украинската криза беше огромно и според резултатите на изборите Србија драматично се движи кон десницата, а СНС има нешто помалку гласови, за што ќе водиме сметка кога ќе се формира владата. Нема да ја формираме со оние кои преку навивање влијаеја на определбата на народот. Србија ќе мора да се определи како ќе оди во иднина, не чекаат тешки времиња“ – изјави Вучиќ.
Во 20 часот заврши гласањето на претседателските, парламентарните и градските избори за Белград и 12 други градови во Србија, на кои според аналитичарите се очекува висока излезеност од 59,7 отсто.
РИК прогласи крај на гласањето, но и со огласување во јавноста, а со официјални резултати ќе се јави утре во 20 часот.