Вучиќ и Рама повторно бараат делумна интеграција во ЕУ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и албанскиот премиер, Еди Рама, повикаа на забрзување на процесот на интеграција на Србија и Албанија во Европската Унија. Тие ја опишаа својата идеја како „реалистичен пат кон ЕУ“, при што функционалната делумна интеграција би служела како привремен чекор за оживување на процесот на проширување на Унијата и за зголемување на стабилноста во регионот.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и албанскиот премиер, Еди Рама, повикаа на забрзување на процесот на интеграција на Србија и Албанија во Европската Унија. Тие ја опишаа својата идеја како „реалистичен пат кон ЕУ“, при што функционалната делумна интеграција би служела како привремен чекор за оживување на процесот на проширување на Унијата и за зголемување на стабилноста во регионот.

Во иницијативата не ја споменуваат Црна Гора која е најблиску до членство, што се толкува од аналитичарите како обид да се минира нејзиниот пат во ЕУ пред Србија и Албанија да добијат таква шанса.

Нивниот заеднички предлог предвидува постепена интеграција во внатрешниот пазар на ЕУ и во Шенген зоната, но без европски комесари од нивните земји, без пратеници во Европскиот парламент и без право на вето.Целосна членка на Европската Унија ги има сите овие права.

Процесот на пристапување на Србија и другите земји од Западен Балкан во ЕУ е во застој со години, бидејќи кандидатските земји не постигнале доволен напредок во владеењето на правото, борбата против корупцијата, слободата на медиумите и судските реформи, кои се неопходни за членство во Унијата.

Во заедничкиот текст, лидерите на Србија и Албанија наведуваат дека Западен Балкан е регион кој географски е опкружен со ЕУ и историски е поврзан со европската судбина.

„Перспективата за членство останува најсилниот двигател за реформи, инвестиции и помирување“, напишаа тие.

Обраќајќи се до Европската Унија, тие порачаа дека „е крајно време ЕУ да признае дека Западен Балкан претставува нова линија на инвестиции за зајакнување на Унијата“.

Според нив, забрзаната интеграција на подготвените кандидатски земји во заедничкиот пазар и во Шенген зоната може да ја зајакне економската и политичката позиција на ЕУ, без да ја оптовари нејзината институционална структура.

Во ноември 2025 година, на самитот за проширување организиран од Euronews, лидерите на Албанија, Молдавија, Црна Гора, Македонија, Србија и Украина разговараа за иднината на проширувањето на Унијата.

Настанот се одржа во период кога Европската комисија го објави својот годишен извештај за проширување, во кој беше истакнато дека Србија не е целосно усогласена со санкциите на ЕУ против Русија.

На самитот, Вучиќ ја бранеше посветеноста на Србија на реформите.

„Нема да се оправдувам затоа што сум разговарал со кого било“, изјави Вучиќ за Euronews, осврнувајќи се на неговите односи со рускиот претседател Владимир Путин.

Тој избегна да одговори на прашање за протестите во Србија, нагласувајќи дека економските показатели на земјата се стабилни и дека националниот долг е намален.

Србија поднесе барање за членство во Европската Унија уште во 2009 година, но преговорите со Брисел се во застој. Освен прашањата за медиумските слободи и реформите во изборниот систем, надворешната политика на Белград е исто така предмет на загриженост кај европските лидери.

Албанија, пак, на истиот самит истакна дека има амбиција да стане полноправна членка на ЕУ најдоцна до 2030 година.

„2030 не е сон, туку рок базиран на едноставна пресметка“, изјави премиерот Еди Рама, додавајќи дека очекува преговорите да бидат завршени во наредните две години.

Заедно со Црна Гора, Албанија се смета за една од најперспективните кандидатки за членство во ЕУ. Сепак, борбата против корупцијата останува еден од најголемите предизвици на земјата.

„Прифаќаме поддршка и партнерство, но не прифаќаме лекции од никого кога станува збор за борбата против корупцијата“, изјави Рама.

Од почетокот на процесот за членство во ЕУ, Албанија воведе повеќе механизми за борба против корупцијата, вклучително и создавање на специјалната антикорупциска институција SPAK.