Српскиот претседател – Александар Вучиќ и неговиот руски колега – Владимир Путин разговрале телефонски. Вучиќ рече дека договориле поволна цена на гасот за Србија.
„Имавме многу добар разговор. Најважна тема беа нашите билатерални односи. За нас беше важен истекот на договорот за гас по десет години. Она што можам да ви го кажам е дека се договоривме за главните елементи кои се многу поволни за Србија. Се договоривме да потпишеме договор за три години, а не за еден месец како што предвидуваа некои. Друг важен елемент е формулата да остане иста, така што цената ќе биде многу поволна за нашата земја. Останува да се договориме со Гаспром на количини“ – рече Вучиќ.
Од официјален Кремљ соопштија дека Русија ќе продолжи непречено да испорачува гас за Србија.
„Одржан е телефонски разговор меѓу претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, и претседателот на Србија, Александар Вучиќ… Беше договорено, меѓу другото, Русија да продолжи со непречена испорака на природен гас за Србија“ – се вели во соопштението.