Вучиќ: Избори може да се одржат на 17 декември

Српскиот претседател Александар Вучиќ гостувајќи синоќа на РТС изјави дека заедно ќе се одржат парламентарните, покраинските, белградските и другите општински избори, додавајќи дека се подготвени за нив на 17 декември.

-Го добив писмото (од опозицијата) и еве да им дадам официјален одговор. Зборував со неколку луѓе, некои се за, некои се против, во моментов мислам дека тоа не е клучно прашање, но мора да ја почитувате демократијата, да ги почитувате опозициските партии, што и да мислите за нивната работа, а не сум одушевен со нивната работа и ова го кажувам како претседател на Србија, а не како член на партијата, рече Вучиќ.

Тој додаде дека би сакал поголема одговорност, особено во тешките моменти за државата, какви што биле на 3 мај или вчера и денес.

-Подготвени сме за избори на 17 декември, мислам дека не можете на 24 декември, тогаш е Бадник,но и католички Божиќ, рече Вучиќ.

На прашањето дали изборите ќе се одржат на 17 декември, Вучиќ одговори: „Да, може да се одржат и на 17 декември“.

Тој прецизираше дека парламентарните, покраинските и белградските избори ќе се одржат заедно, како и во некои општини.

На прашањето дали неговото име ќе се најде на изборната листа, Вучиќ рече дека ако тоа го побараат од него, ќе го прифати со најголемо задоволство и чест.

-Таа партија (СНС) донесе огромни промени и се бореше за српскиот народ во најтешките околности, рече Вучиќ.