Вучиќ за Извештајот на ЕК: Назадуваме само околу санкциите кон Русија

Претседателот на Србија Александар Вучиќ, по предавањето на Годишниот извештај на ЕК за земјата, на прес-конференција изјави дека тој во голема мера е задоволен од напишаното и дека суштината во најголем дел се однесува на односот кон санкциите на Руската федерација.

-Ова е политичко прашање и ЕК е во право, денес усогласеноста на Србија со надворешната политика на ЕУ изнесува 45,03 отсто, што значи дека сепак за нешто сме гласале, но не и за Русија. Што да правиме кога тие секој ден излегуваат со резолуции и декларации само против Руската федерација. Ги разбираме ние нив, но за ниту една декларација немаме гласано. Им пренеов дека со голема сериозност и одговорност ќе ги земеме во предвид нивните ставови и предлози за ова прашање, изјави Вучиќ.

Според Вучиќ овој политички извештај го има обоено целиот извештај, оценувајќи дека „ова е единствен дел во кој Србија назадува на европскиот пат, а тоа се санкциите кон Русија и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ, што е точно заради политичката одлука на Србија заради која таа плаќа консеквенци”.