Претседателот на Србија – Александар Вучиќ вечерва потврди дека од Руската Федерација пристигнало предупредување за подготовки за немири и државен удар во Србија.
– Денеска добивме официјални информации од Руската Федерација, информации пренесени и донесени преку официјални канали. Да, ја добивме таа информација и се занимаваме со неа. Одговорна е БИА, луѓето специјализирани за ова во Владата на Србија и на сите други места си ја вршат својата работа, рече српскиот претседател одговарајќи на новинарско прашање дали добил предупредување од руските безбедносни служби дека во Србија се подготвуваат масовни немири со цел државен удар.
Тој порача и дека граѓаните треба да бидат безгрижни.
Оние кои сонуваат дека нешто ќе направат насила, рече Вучиќ, нема, затоа што Србија неуморно оди напред.
– Не можат да ја сопрат. И нема да ја спречат и никој никогаш нема да ја спречи. Тоа е мојата порака до сите, луѓето не треба да се грижат. Утре можат мирно да ги гледаат нашите кошаркари (натпревар на Олимпијадата) дома, рече тој.