Вучиќ денеска ќе се сретне со Лајчак во Белград

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Белград и Приштина и други регионални прашања на Западен Балкан, Мирослав Лајчак.

Средбата ќе се одржи во 18:00 часот, во зградата на Генералниот секретаријат на Претседателот на Републиката.

Дека Лајчак ќе дојде во Белград, најави Вучиќ уште пред неколку дена.

– Референдумот за смена на градоначалникот на северот на Косово е уште една измама на Аљбин Курти. Ќе зборувам за тоа во наредните денови. На 15 март во Белград доаѓа пратеникот на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, а потоа ќе објаснам што планира Курти – рече Вучиќ во саботата, одговарајќи на прашања на новинарите во Белград.

Лајчак минатата недела беше во Приштина, каде што разговараше со вицепремиерот на Косово, Бесник Бисљими, за спроведувањето на постигнатите договори и неодамнешниот декрет на Централната банка на Косово за укинување на употребата на динарот.