Српскиот претседател Александар Вучиќ вчера истакна дека Србија е економски оштетена поради големиот светски конфликт и дека стапката на раст е помала отколку што беше.
– Сигурно е подобро отколку во некои други земји. Големата вест е дека кредитниот рејтинг на Стандард и Пурс е подобрен, што е одлична вест за инвеститорите ширум светот. Нашите јавни финансии се во одлична состојба, јавниот долг до крајот на годинава ќе биде 51 процент. И кога станав премиер, тоа беше 78 проценти од БДП. Така сите ме нападнаа за намалување на пензиите, вклучително и моите родители. Сега имаат многу поголеми пензии отколку што имаа – рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе имаме проблем со работната сила.
– Добро е што направивме легитимации за Отворен Балкан. Еве ја ексклузивната вест, 2.200 лица се пријавиле, главно од Северна Македонија, да дојдат да работат во Србија. Ќе имаме проблем со популистичките движења, кои прво ќе бараат да не се работи во недела, па да не се работи во петок, па да се работи 30 часа неделно итн. Ќе имаме и проблеми со населението, иако ситуацијата ни е лоша, но помалку лоша од сите други. За нас е голем проблем што има дел од луѓе кои не прифаќаат повратници од странство – истакна тој.