Вучиќ: Во Венецуела се урна меѓународниот поредок, силата стана единствено правило

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека настаните во Венецуела јасно покажале дека меѓународното јавно право и Повелбата на Обединетите нации практично не функционираат, а дека во светот доминира правото на посилниот.

Српскиот претседател Александар Вучиќ оцени дека настаните во Венецуела јасно покажале дека меѓународното јавно право и Повелбата на Обединетите нации практично не функционираат, а дека во светот доминира правото на посилниот.

По вонредната седница на Советот за национална безбедност, тој изјави дека Србија мора да ја зајакнува сопствената одбранбена моќ и да се потпира исклучиво на себе.

„Стариот светски поредок се урива и никакви правила повеќе не важат. Јавното меѓународно право постои само на хартија. Како мала земја, мора да го разбереме тоа и соодветно да се подготвиме“, рече Вучиќ, додавајќи дека случувањата во Венецуела се најјасен доказ дека Повелбата на ООН не се почитува.

Тој нагласи дека Србија останува на истиот став како и на почетокот на војната во Украина и дека сака добри односи со САД, но дека е очигледно оти принципите не важат подеднакво за сите. Според него, американската интервенција во Венецуела добила поддршка од само неколку земји, додека Мексико и Бразил јасно се изјасниле против, а европските реакции биле противречни.

Осврнувајќи се на глобалните односи, Вучиќ оцени дека Кина економски зајакнува, Русија воено, но дека САД и натаму се доминантна сила, особено во енергетиката. Во тој контекст, тој најави дека Србија внимателно го следи вооружувањето на Приштина и соработката на Косово со Хрватска и Албанија, потенцирајќи дека Белград ќе продолжи со јакнење на сопствените воени капацитети како средство за одвраќање и зачувување на мирот.

Вучиќ изјави дека Србија не планира да напаѓа никого, но дека мора да биде доволно силна за да се заштити. Тој најави значително зајакнување на воените капацитети во следната година и пол, без да навлегува во детали.