Вучевиќ: Обвинение за трагедијата во Нови Сад во наредните недели

„Можеме да очекуваме обвинение во наредните недели. Како адвокат велам дека се одвива исклучително брзо, изненадувачки брзо, но обвинителот веројатно има доволно факти, информации, податоци и докази за да биде подготвен да поднесе обвинение“, рече Вучевиќ

Српскиот премиер Милош Вучевиќ денеска изјави дека верува оти обвинителството е при крај со истрагата за уривањето на бетонската настрешница на железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 15 лица, а две се тешко повредени.

„Можеме да очекуваме обвинение во наредните недели. Како адвокат велам дека се одвива исклучително брзо, изненадувачки брзо, но обвинителот веројатно има доволно факти, информации, податоци и докази за да биде подготвен да поднесе обвинение“, рече Вучевиќ во изјава за белградски медиуми.

Тој додаде дека е „природно, нормално и задолжително да се утврди кој е виновен, одговорен“, пренесе Бета.

Вучевиќ денеска изјави дека се подготвува голема и обемна кампања за борба против корупцијата и криминалот, против оние кои ја злоупотребиле довербата на граѓаните за лично богатење и нагласи дека нема да има заштитени.

„Подготвуваме голема и обемна кампања за борба против корупцијата, криминалот и оние кои ја злоупотребија довербата на граѓаните за лично богатење. Тоа не значи дека тоа ќе биде лов на вештерки, законот ќе се почитува“, изјави Вучевиќ.