Втора етапа од „Турата низ главните градови“ на Кошта

Целта на оваа турнеја на Кошта е да размени мислења со шефовите на држави или влади на земјите членки за агендата на ЕУ и за претстојните состаноци на Европскиот совет и на меѓународните самити.

Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, денеска ја продолжува својата „Тура низ главните градови“ започната минатиот понеделник, во чии рамки ги посетува земји членки на ЕУ, при што со нивните лидери разговара за актуелни прашања поврзани со Унијата, нивните политички приоритети и методите на работа на Советот.

Целта на оваа турнеја на Кошта е да размени мислења со шефовите на држави или влади на земјите членки за агендата на ЕУ и за претстојните состаноци на Европскиот совет и на меѓународните самити.

Втората недела од „Тура низ главните градови“, Кошта ќе ја започне со посета на Хелсинки каде ќе сретне финскиот премиер Петери Орпо. По ова, претседателот на Европскиот совет во текот на денешниот ден ќе отпатува за Стокхолм на средба со шведскиот премиер  Улф Кристершон, од каде ќе замине за Талин на разговори со естонската премиерка Кристен Михал.

Утре, Кошта прво ќе престојува во Рига на средба со летонската премиерка, Евика Силиња, по што ќе замине за Вилнус на разговори со литванскиот претседател Гитанас Науседа и на крајот ќе отпатува за Варшава, каде ќе се сретне со полскиот премиер Доналд Туск.

Претседателот на Европскиот совет в среда во Будимпешта ќе разговара со унгарскиот премиер Виктор Орбан, по што ќе замине за Берлин на средба со германскиот канцелар Фридрих Мерц.

Последна дестинација на овонеделната турнеја на Кошта е Братислава, каде в четврток ќе се сретне со словачкиот премиер Роберт Фицо.

Според првичниот план, в четврток Кошта требаше да престојува и во Мадрид, но посетата на шпанскиот главен град е презакажана за следниот вторник (16 септември). Причините за одлагањето на посетата не се соопштени.

За време на првата етапа од „Турата низ главните градови“, минатата недела Кошта ги посети Словенија, Хрватска, Австрија, Романија, Бугарија, Чешка и Холандија, а претходно на 27 август во Брисел се сретна и со белгискиот премиер Барт де Вевер.

– Овие разговори ќе помогнат во обликување на нашата заедничка агенда за наредните месеци. Како претседател на Европскиот совет, моја должност е да ги слушам и да се запознам со приоритетите на сите лидери, особено во овие неизвесни времиња. Мојата улога е да градам консензус. Со секоја посета, ќе работам на зајакнување на нашата соработка, бидејќи во денешниот непредвидлив свет, нашето единство е нашата најголема сила, порача Кошта пред почетокот на турнејата.

До крајот на 2025 година се предвидени два самити на ЕУ – во Брисел на 23 и 24 октомври и на 18 и 19 декември, како и неформална средба на лидерите на шефовите на држави или влади на членките на Унијата на 1 октомври во Копенхаген. Ден по овој неформален лидерски собир, на 2 октомври во Копенхаген ќе се одржи и Самит на Европската политичка заедница.

Покрај ова, на 8 и 9 ноември во Колумбија ќе се одржи Самит меѓу ЕУ и Заедницата на латиноамерикански и карипски земји (ЦЕЛАЦ), а на 24 и 25 ноември и средба на врвот меѓу Европската и Африканската Унија во Ангола.