„Со одлуката на денешното заседание на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија, се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ“ се вели во денешното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија.
Во него е наведено дека Вселенската Патријаршија ја признава црковната јерархија предводена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставува канонско и литургиско општење со неа.
„Светиот и Свештен Синод, кој заседаваше денес, под претседателство на Неговата Божествена Сесветост, Вселенскиот Патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната Црква до Мајката Црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново:
Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под Архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен Патријаршиски и Синодален Акт“ – се нагласува во соопштението.
Во официјалното соопштение од Канцеларијата на Светиот Синод на Вселенската Патријаршија меѓудругото се вели:
„Се остава на најсветата Црква на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, секако во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Како име на оваа Црква го признава „Охридска“ (имајќи го на ум, како област на нејзината јурисдикција, владението во границите на државата Северна Македонија), како што нејзиниот Претстојател писмено ѝ вети на Вселенската Патријаршија, која не го употребува терминот „Македонска“, или друга изведенка од зборот „Македонија“ – се вели во соопштението.
Во него е наведено дека Вселенската патријаршија продолжува да се интересира за растењето, напредокот и благосостојбата на оваа црковна целина на Охрид, како што и правела низ вековите за сите помесни православни цркви.
Оваа одлука, како што е нагласено, не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската Патријаршија и претставува објава дека повеќе не сме во шизма и раскол со севкупната православна Црква и нашите свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви. За утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори, се дополнува во соопштението.
Ваквиот чекор на Патријархот Вартоломеј и на Вселенската Патријаршија, како што е нагласено, претставува историски настан, бидејќи конечно се исправа долгата неправда нанесена врз нашата Црква.
Ова како што е појаснето ѝ става крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска Архиепископија.