Врховниот суд ја потврди доживотната казна за Алмир Дрпљанин

Врховниот суд ја одби жалбата и ја потврди доживотната казна затвор за Алмир Дрпљанин, осуден за убиството на припадник на единцата „Алфа“ кај Природно-математичкиот факултет во Скопје што се случи во 2008 година.

-Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 14.02.2024 година одлучи за изјавената жалба по предметот познат во јавноста како „Алфа“. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А.Д., изјавена против пресудата на Апелациониот суд Скопје од 13.01.2023 година ја одби како неоснована, соопшти Врховниот суд.

Тоа значи дека Дрпљанин ја поднел жалбата на почетокот на минатата година. Дрпљанин ја издржува казната во затворот „Идризово“. Екстрадиран беше од Косово во 2015 година, а се поврзуваше и со други вооружени грабежи, убиства и обиди за убиства.

Неговиот адвокат, Асмир Алиспахиќ на Фејсбук напиша дека со одлуката на Врховен на Дрпљанин му била нанесена голема неправда и дека предметот „Алфа“ е монтиран.