
Првиот вицепремиер, еден од лидерите на ВРЕДИ, Изет Меџити, очекува Алијансата на Албанците на Арбен Таравари вечерва да ја реши дилемата и да ја информира коалицијата Вреди кој пат ќе го избере.
„Да разјасниме меѓу себе дали се дел од ВРЕДИ или одат со ДУИ. Доколку некој сега ја анализира состојбата, единствената можност за враќање на ДУИ во владата е поделбата на ВРЕДИ. За ваквата ситуација допринесоа и кругови од надвор“, додаде Меџити.
Потсетувајќи на искуства од минатото, Меџити рече дека поделбата на Албанците на повеќе табори само го дефакторизира албанскиот глас. За Вреди да остане обединета, Меџити рече дека и понудиле максимум на АА за поделба на општините.
„Ја фаворизиравме Алијансата за Албанците, а Таравари изјавува по медиумите, ми понудија 35%. Ние до денеска не сме се договориле што ќе земат другите, туку зборувавме само за фаворизирање на Алијансата со цел Вреди да остане обединета“, вели Меџити.
Опцијата што ја спомна Таравари дека може да излезат сами на изборите, за Меџити е нереална.
„Бидејќи и тие знаат, и ние знаеме. Исто е како јас да кажам дека ќе одам со Демократското движење утре сам, а нема да излезам сам ако немам поддршка од надвор“, вели Меџити.
Истакна дека посакуваат Алијансата за Албанците да остане дел од Вреди.
„Ја сакаме Алијансата за Албанците во Вреди, а не за опција да ја има ДУИ. Тогаш се губи смислата на промената“, вели Меџити.
Од целата оваа ситуација Меџити смета дека на крајот Вреди ќе излезе поконсолидирана.