ВРЕДИ: Лажната проамериканизација на ДУИ се вика „Сергеј Лавров гостин на Бујар Османи“

„Како што одминува времето сè повеќе сме убедени дека слоганот на ДУИ `Да за Европа – не за Русија` во себе крие страв од срамот на откривање на вистинските руски врски на Демократската унија за интеграција. Сакајќи да се преправаат дека се што е можно позападни и проамериканци, се чини дека нивната потсвест ги изневерила, така што во слоганот на кампањата ја проектирале реалноста на она што се крие под името ДУИ“ соопштуваат од опозициската албанска коалиција ВРЕДИ.

Оттаму порачуваат „јавноста многу добро знае, но само ги потсетуваме дека токму високи експоненти на оваа партија се луѓе за кои постои сомневање дека имаат врски со антиамериканските кругови и за тоа има опипливи факти. Токму градоначалникот на Струга, кадар на ДУИ, Рамиз Мерко е ставен на американската црна листа поради корупција и злоупотреба на правдата. Но, тој не е единствениот. Поранешната градоначалничка на Општина Тетово и до вчера потпретседател на ДУИ, Теута Арифи, и понатаму останува запаметена како соработничка на бизнисменот со руски врски, Дака Давидовиќ, кој исто така е на американската црна листа. Дури, според нашите информации, Теута Арифи е одбиена за амбасадор во САД и во Брисел токму поради овие пропусти. Мендух Тачи, блискиот соработник на Али Ахмети и понатаму е на американската црна листа“.

„Како да не е доволно, токму кандидатот за претседател на ДУИ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, како претставник на Али Ахмети беше човекот кој во Будимпешта преговараше со Никола Груевски за негово враќање, а тој самиот стана и домаќин на министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, така што стана првиот и единствениот кој ги отвори вратите на Русија да дефилира во Европа по нејзината агресија во Украина. Лажната проамериканизација на ДУИ се вика `Сергеј Лавров гостин на Бујар Османи`“ – велат од ВРЕДИ..

Опозиционерите порачуваат „сите овие соништа исчезнуваат вечерта на 8 мај, а од 9 мај веќе не им користи ниту скапата медиумска пропаганда, ниту празните прозападни флоскули“.