
ВРЕДИ: ДУИ ги користи младите како „топовско месо“ – Интегративците: Обвинувањата се клеветнички и злонамерни
Владејачката албанска коалиција „Вреди“ денеска го обвини ДУИ дека ги искористила младите како „топовско месо“ за време на прославата на Денот на албанското знаме, кога беше сквернавено и запалено македонското знаме.
Владејачката албанска коалиција „Вреди“ денеска го обвини ДУИ дека ги искористила младите како „топовско месо“ за време на прославата на Денот на албанското знаме, кога беше сквернавено и запалено македонското знаме.
Вицепремиерот Арбен Фетаи на денешната прес-конфренција рече дека „по откривањето на планот за враќање на Никола Груевски со црвен тепих во Скопје и неможноста да даде одговори за оваа антидржавна и антиалбанска операција, ДУИ за чисто лични интереси ги користи младите како ‘топовско месо’, само за да ја избегнат правдата што ги чека“.
Според него, планот на ДУИ за дестабилизација бил урнат со 17 притворени лица, затоа што „никој никогаш во замена за ништо не може да запали државни и национални знамиња, без разлика на нивната припадност“.
Тој рече дека обезбедиле фотографии кои докажувале дека младите кои го запалија државното знаме се блиски соработници на Артан Груби.
„Тоа што беше дестабилизиран таканаречениот ‘Европски фронт’ не значи дека треба да се дестабилизира државата. Тоа што се поделија, не значи дека општеството ќе треба да се подели како нив.
Испраќаме порака до мераклијата на казината, Артан Груби, не обидувајте се да ги чепкате Албанците затоа што тие се наш аманет, одговорни сме и за оние млади луѓе кои ги условуваш да прават недолични постапки. Младите не стануваат камикази, Артане“.
ДУИ: Немаме никаква врска со инцидентите со знамето, обвинувањата се клеветнички и злонамерни
Демократската унија за интеграција најостро ги осудува лажните обвинувања и манипулациите што антиалбанската влада ги пласира на денешната прес-конференција, се наведува во реакцијата од ДУИ. Во соопштението испратено до медиумите, од ДУИ обвинуваат дека станува збор за обид да се вмеша нивната партија во настаните поврзани со Денот на албанското знаме , што според нив е невидена манипулација, и обид да се покријат сопствените неуспеси и дискриминаторски политики на Владата.
„Јасно и недвосмислено изјавуваме: ДУИ нема никаква врска со организирање на инцидентите. Секоја изјава или обвинување во таа насока е целосно неосновано, клеветничко и злонамерно. Антиалбанската влада со ова јавно ги манипулира граѓаните, обидувајќи се да го изврти вниманието од вистинскиот проблем – селективниот пристап на полицијата, која уапси 17 Албанци за инциденти со државното знаме, но ниту еден од оние што го запалија албанското знаме“,посочуваат од ДУИ.
Овие дејствија претставуваат провидна тактика за продлабочување на етничките тензии и дефокусирање од вистинските проблеми во земјата, потенцира ДУИ.
„ДУИ нема да дозволи да биде предмет на политички спинови и манипулации. Објавуваме дека ќе ги преземеме сите правни мерки против овие лажни обвинувања и ќе побараме одговорност од сите инволвирани во ширењето на овие дезинформации. Дополнително, ги повикуваме антиалбанската влада и институциите веднаш да престанат со оваа опасна реторика и да се посветат на праведно, непристрасно и професионално справување со настаните. Наместо да креираат вештачки виновници, нека се фокусираат на истрагата за сите учесници во инцидентите, без разлика на нивната етничка припадност или политичка позадина“, се наведува во соопштението.