Вработени во УЈП ќе треба да враќаат пари зашто со незаконски склучени договори земале повисока плата
Вкупно 129 вработени во Управата за јавни приходи ќе треба да враќаат пари, а управата е оштетена за близу 300 илјади евра, бидејќи поранешната директорка Сања Лукаревска незаконски склучила договори со кои тие земале поголема плата, обвини денеска првиот човек на УЈП Елена Петрова.
Лукаревска демантира – сите во УЈП, вклучувајќи ја и Петрова, работевме на трансформацијата на работните места, според новиот закон.
УЈП е во хаос поради незаконитости на претходоната директорка Сања Лукаревска, обвини денеска првиот човек на Управата за јавни приходи Елена Петрова. Според неа, спротивно на законот, неколку месеци после рокот и за време на изборен период, Лукаревска ги прекинала старите договорите за вработување на сите вработени и им наредила да продолжат со работа, до склучувањето на нови, според новите интерни правилници. Неправилностите ги констатирала и Антикорупциска комисија и Државниот трудов инспекторат.
Според првите, со одлуката Лукаревска направила повреда на изборниот процес. Трудовиот инспекторат пак наложил УЈП да ја поништи одлуката на Лукаревска. Токму тоа е и најголемиот проблем, влеи Петрова.
Лукаревска ги отфрла овие, како што ги нарече, тешки обвинувања кон неа. Вели дека додека била на чело на УЈП, со сегашната директорка Петрова имала одлична комуникација и соработка и ја смета за врвен професионалец. Затоа вели дека никогаш нема да нападне свој колега.
„Целиот процес, преку кој се спроведуваше новиот закон со кој се менуваше статусот на вработените од државни, во даночни службеници, го водевме заедно и со синдикатите, но и со целото раководство на УЈП, меѓу кои и со новата директорка Петрова“ вели Лукаревска.
Според Петрова, согласноста од Министерството за информатичко општество и администрација за новите правилници била издадена врз основа своевидна манипулација и вметнување на работни места во правилниците, за кои ниту имало намера, ниту се пополнети.
Згора на тоа, Петрова вели дека согласноста е издадена на 9 февруари, истиот ден кога министерот кој ја потпишал, бил разрешен, за што вели дека е морален и политички хазард.
Од друга страна, Лукаревска демантира дека одлуката е донесена откако почнал изборниот процес, туку пет дена претходно. За тоа што одлуката е потпишана истиот ден кога тогашниот министер за администрација е разрешен, Лукаревска не сака да коментира и само додава дека документот има валиден потпис, од валиден министер.