Вработени во затворот во Штип ја нарекоа „цинична“ прес конференцијата на Пандов

„На прес-конференцијата беа кажани многу невистини, кои не соодветствуваат со реалните постапки што беа преземени од овластените службени лица. Целосно ја негираме таа приказна – вистината е сосема поинаква,“ се наведува во демантот.

Група вработени во Казнено-поправната установа Затвор – Штип испратија демант до редакцијата на М Нет-ТВ, реагирајќи на тврдењата и обвинувањата изнесени на заедничката прес-конференција на директорот на Дирекцијата за извршување санкции, Александар Пандов, и директорот на установата, Дејанчо Здравков, одржана на 9 април 2025 година.

Во демантот, вработените остро ја отфрлаат верзијата на настаните што ја презентираа директорите, нарекувајќи ја „невистинита, иронична и со циничен тон“. Според нив, јавноста била манипулирана со неточни податоци, додека реалната слика за настаните во установата била намерно сокриена.

„На прес-конференцијата беа кажани многу невистини, кои не соодветствуваат со реалните постапки што беа преземени од овластените службени лица. Целосно ја негираме таа приказна – вистината е сосема поинаква,“ се наведува во демантот.

Вработените објаснуваат дека откако биле забележани лица кои однадвор фрлиле сомнителни предмети преку безбедносниот ѕид, веднаш започнала потрага по нив. Иако ноќната акција не дала резултати, рано наутро бил повторно прегледан периметарот, по што била пронајдена најлонска кеса со прашкаста и тревкаста материја.

„По пронаоѓањето на кесата, веднаш беа известени директорот и СВР – Штип. Полицијата пристигна, изврши увид и предметите беа предадени за понатамошна обработка. Сето тоа е евидентирано во дневниот извештај и во полицискиот билтен,“ велат тие.

Тие категорично отфрлаат дека некој од затворските полицајци постапувал спротивно на законот или во корист на осудено лице, како што беше имплицирано на прес-конференцијата.

Дополнително, вработените го обвинуваат директорот на установата дека во случајот со осуденото лице Ж.Ж. лично давал дозволи за посети надвор од работното време, преку телефонски повици до одговорниот на смена, како и дозволи за вонредни пакети – што, според нив, не беше споменато на прес-конференцијата.

„Сите дозволи се заведени во рапортните книги, но тоа не беше јавно кажано. Време е вистината да излезе на виделина,“ порачуваат вработените, повикувајќи на одговорност, транспарентност и објективно информирање на јавноста.