
Вработените од „Паркови и зеленило“ остануваат и без здравствено осигурување – меѓу нив има и онколошки пациенти
➡ Ситуацијата станува уште поалармантна ако се земе предвид дека значителен дел од вработените се лица во поодмината возраст, кои редовно примаат хронична терапија, а меѓу нив има и онколошки пациенти. Без здравствено осигурување, овие граѓани ќе бидат оставени на милост и немилост на системот, што го потенцира хуманитарниот и социјалниот аспект на проблемот.
Вработените во Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ и нивните фирми-ќерки „Флораком“ и „Луна“ повторно излегоа на улица, изразувајќи го своето незадоволство со организирани блокади на мостот „Гоце Делчев“.
Причината за овие блокади е доцнењето со исплатата на платите за месец август, кои до денес сè уште не им се исплатени. Ова предизвика сериозни последици за голем број вработени, кои не само што останаа без финансиски средства за егзистенција, туку и постои можност за прекинато здравственото осигурување, поради што не ќе можат да ги добијат потребните здравствени услуги и терапија.
Ситуацијата станува уште поалармантна ако се земе предвид дека значителен дел од вработените се лица во поодмината возраст, кои редовно примаат хронична терапија, а меѓу нив има и онколошки пациенти. Без здравствено осигурување, овие граѓани ќе бидат оставени на милост и немилост на системот, што го потенцира хуманитарниот и социјалниот аспект на проблемот.
Вработените упатија јасна порака до надлежните институции и до раководството на претпријатието дека нема да се откажат од протестите сè додека не им бидат исплатени заостанатите плати. Тие бараат итна реакција од Град Скопје и од надлежните органи, со цел да се надмине кризата која, како што велат, се влошува од месец во месец.
Видео: Фокус