Вработените од МИА излегоа на протест, бараат покачување на платите

Првпат во 25 години постоење на Медиумската Информативна Агенција (МИА), вработените денеска излегоа на предупредувачки протест.

Бараат покачување на платите согласно колективниот договор. Протестот е како што велат, поради игнорантскиот однос на Владата кон барањата на вработените за зголемување на платите.

„Ние повеќе месеци чекаме барањето за зголемувањето на платите да биде ставено на дневен ред на седница на Влада. Зголемувањето на платите во МИА е предвидено со финансискиот план за 2023 година односно за тоа не се потребни дополнителни средства од буџетот.“ – вели Марина Илиевска вработена во МИА.

Потпросечните плати за кои сега работат медиумските работници, но и неодобрувањето на нови вработувања резултира со одлив на кадар од државната агенција која што е официјален јавен информативен сервис на граѓаните.

„Основен предуслов за слободно и професионално новинарство е стабилна социоеконосмка состојба на новинарите и медиумските работници.“ – вели Илиевска.

Поддршка добија и од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ). Претседателот на Синдикатот порача дека е време да се најде трајно решение за проболемите во МИА.

„Тоа е преку носење закон за МИА со кој еднаш засекогаш ќе се раскине таа врска на финансирање Влада – медиум, а буџетирањето на МИА ќе биде со процент предвиден, договорен однапред односно со пари на граѓаните и граѓаните ќе ја плаќаат содржината и контентот што ја произведува МИА, а не Владата. Се надевам дека оттука ќе почнеме, ќе резултираме со закон за МИА, нешто за што целиме.“ – вели Павле Беловски претседател на ССНМ.

Од Владата за ТВ 24 велат дека усогласувањето на платите ќе се најде на некоја од следните владини седници.

„Информацијата за посебната постапка за усогласување на платите за вработените во АД „Медиумска информативна агенција“ – Скопје е во владина процедура и на една од наредните седници ќе се донесе одлука, по што јавноста веднаш ќе биде информирана“. – велат од Владата.

Медиумската информативна агенција има околу 80 вработени. Последен пат платите им се зголемени пред 4 години. Вработените порачаа дека доколку Владата продолжи да ги игнорира и не го стави на дневен ред покачувањето на платите ќе продолжат со протести кои ќе се радикализираат.