Вработените во судовите и обвинителствата, повторно пред штрајк. Власта на чекор дополнително да им ги намали примањата. Откако им беа скратени додатоците на плата од 35%, на што следеа повеќемесечни протести, добија назад само 10% додадок, за сега повторно и тие малку пари да им бидат одземени.
Од независниот синдикат на судска администрација, велат, се крати од работникот за да се даде на функционерите, бидејќи ова следи по одлуката на битолскиот суд, судиите да добијат К-15 и тоа во висина од една просечна плата.
„Се наоѓаме во период на јасно и масовно искажано незадоволство поврзано со платите на судската служба, период во кој веќе подолго време организиравме протести и штрајкови, сѐ со цел да добиеме достоинствени плати при што се воспостави некаква пракса во изминатите месеци за исплата на додатоци за плата до изнаоѓање на некакво прифатливо решение и додека помине изборниот период. Но изгледа, надлежните институции воопшто немаат слух и разбирање за нашата ситуација и се повикуваат на финансиска ограниченост на буџетот на судската власт. Финансиската ограниченост на буџетот на судската власт не може да претставува пречка за пресметка и исплата на додатоците на плата на судската служба“, изјави Јасмина Величковска од независниот синдикат.