Во 10 градови во Србија денеска протести против насилството

Во рамките на следниот протест „Србија против насилството“, кој ќе се одржи во сабота во 18 часот, ќе бидат блокирани патиштата во вкупно 10 градови во Србија. Покрај Белград, Ниш, Нови Сад и Крагуевац, каде блокада имаше минатата сабота, овојпат тоа ќе се случи и во Краљево, Лесковац, Шабац, Зрењанин, Пирот и Суботица.

Кога станува збор за Белград, првиот човек на пратеничкиот клуб „Зелено-левичар“ Радомир Лазовиќ изјави дека по краткото обраќање пред Собранието во 18 часот, граѓаните ќе се упатат кон Автокоманда, каде ќе се организира блокада на автопатот што ќе трае до 21 часот.

„Бројот на градови во кои овојпат ќе има истовремени сообраќајни блокади е зголемен од четири на 10, а дополнително ќе се одржат протести во вкупно 20 градови“, рече Лазовиќ.

Во Белград трасата е подолга за околу 400 метри

Што се однесува до рутата на движење на граѓаните, таа ќе оди од Собранието во Белград, преку улицата „Кнежа Милоша“, до Владата на Србија, па преку Немања до Славија и Автокоманда.

„Овој пат трасата ќе биде подолга за околу 400 метри од минатата недела. Ги молам граѓаните по блокирањето на Автокомада да се рашират кон Мостар, за да можат сите да влезат и да учествуваат во блокадата“, рече Лазовиќ.

Протести веќе се одржаа во Смедерево и Ваљево

Вториот протестен митинг „Ваљево против насилството“ се одржа синоќа на Градскиот плоштад во Ваљево, каде се собраа стотина жители на Ваљево. Протест против насилството се одржа и во Смедерево.

Граѓаните носеа пароли на кои пишуваше: „Вучиќ си оди! Оставка!“, „Вонредни избори на сите нивоа“, „Преодната влада е единствениот гарант“, „Стоп за насилството врз Србите на Косово“…