Во јуни исплатени 13,5 милиони евра на „Бехтел и Енка“ за изградбата на автопатите

Евидентиран е и напредок  од 72 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 36 проценти за Букојчани-Гостивар,  а од 52 проценти за Прилеп-Битола.

Конзорциумот „Бехтел“ и Енка“, изведувач на автопатските делници на коридорите 8 и 10д (Тетово-Гостивар, Гостивар-Букојчани и Прилеп-Битола) во јуни продолжил да извршува претежно работи за геотехнички истражни работи, дизајн и спецификации на автопат, дизајн на експропријација,  активности за истрага на неексплодирани убојни средства, работи за привремено управување со сообраќајот и работи за мобилизација, како и градежни активности главно за земјени работи и конструкции.

Во јуни годинава, според Извештајот од надзорот за прогрес на работите, имало исплата од државата кон „Бехтел и Енка“ преку Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) во износ 830.336.364 денари, или 13,5 милиони евра.

Извештајот покажува дека се завршени 87 проценти од проекциите за експропријација за автопатската делница Тетово-Гостивар,  76 проценти за Гостивар-Букојчани,  а  78 проценти за делницата Прилеп-Битола.

Според Извештајот, објавен на веб страницата на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), за првата делница  Тетово -Гостивар  завршени се 100 проценти од геотехничките истражувања, за делницата Букојчани-Гостивар се реализирани 74 проценти од геотехничките истражувања, а за Прилеп-Битола 63 проценти.

Евидентиран е и напредок  од 72 проценти на работите за спецификација и проектирање на автопатот Тетово-Гостивар, од 36 проценти за Букојчани-Гостивар,  а од 52 проценти за Прилеп-Битола.

Во активностите, изведувачот заклучно со јуни ангажирал 2029 лица и 10141 градежна машина.

Од почетокот на годинава, покрај исплатата на 830.336.364 денари во јуни, кон „Бехтел и Енка“ имаше две исплати во април, од  599.794.350 денари и од 524.972.228 денари, како и една во мај од 681.026.665 денари. Тоа значи дека оваа година се исплатени 2,63 милијарди денари, или 42,8 милиони евра. Заклучно со минатата година, пак, беа исплатени  261 милион евра.

Од четирите планирани делници со Договорот со „Бехтел и Енка“ во вредност од 1,3 милијарди евра што беше склучен во март 2023 година, нема никакви активности за Требеништа  – Ќафасан, каде, според најавите, ќе се ревидира трасата за да се зачува заштитениот статус на Охридско Езеро и регионот.