Во чест на Фросина, Неготино излегува на мирен собир денес во 15 часот на плоштад: До кога ќе палиме свеќи за невини жртви?
Во чест на починатата Фросина Кулакова од Неготино, која беше прегазена на пешачки премин во Скопје завчера, од страна на 20-годишник кој пијан, без возачка дозвола возел со брзина од над 120 километри на час, и поминал на црвено, денес во нејзиниот роден град ќе се одржи мирен собир на граѓани.
Во чест на починатата Фросина Кулакова од Неготино, која беше прегазена на пешачки премин во Скопје завчера, од страна на 20-годишник кој пијан, без возачка дозвола возел со брзина од над 120 километри на час, и поминал на црвено, денес во нејзиниот роден град ќе се одржи мирен собир на граѓани.
Настанот ќе започне во 15 часот на градскиот плоштад во Неготино, и е спонтано организиран од граѓани, кои сакаат да и оддадат чест на Фросина, да упатат пораки со поддршка до нејзиното семејство, но и да порачаат – Доста е за дивеењето низ улиците, доста за неказнивоста на прекршителите, доста за небезбедноста на граѓаните, предизвикана од недопирливи поединци!
На социјалните страници посветени на општината веќе е објавена најавата за собирот, а граѓаните се замолуваат со себе да понесат и транспаренти со кои јасно ќе се упати пораката дека безбедноста на улиците, не само во Скопје, туку и во целата земја мора да биде приоритет, одговорноста мора да биде неизбежна, а жртвите не смеат да останат само статистички бројки.
Со запалени свеќи на плоштад, неготинци ќе се простат од девојката чиј живот и соништа беа прекинати во чекор.
-Не само во Скопје, во цела Македонија е очигледна анархијата на асфалтот. Во секој град се случува ,,летањето” по улица, возење без возачка дозвола, под дејство на алкохол…
Зошто се дозволи сето ова? Како може законите да не важат исто за сите? И во Неготино, мало место, посебно во лето, редовно сведочиме на трките низ улиците, сведочиме на сообраќајни незгоди, а во бројни наврати и јавно преку медиуми и на социјални мрежи сме апелирале за поголема безбедност, за силни контроли од страна на полицијата, молиме за легнати полицајци на повеќе локации кои се како писти за трка. До кога ќе палиме свеќи за невините жртви во оваа држава?
Сакаме да веруваме дека по оваа трагедија, на собирот јасно ќе ја пренесеме нашата порака дека е доста и без одлагање, веднаш сакаме да започне спроведувањето на законите, ригорозни казни за секој прекршител и крај на приказните чие дете бил некој, чиј родител на каква функција е, затоа што лекцијата мора да се научи, велат граѓани кои ќе бидат дел од собирот.
Семејството на младата дизајнерка Фросина пак, соопшти дека нејзиното тело ќе биде изложено во капелата Бутел денес, од 10 до 11 часот, а потоа од 13 до 14 часот во капелата во Неготино. Потоа ќе се одржи погребот во нејзиниот роден град.
И граѓани на Кавадарци најавуваат собир на улицата ,,Илинденска” во Кавадарци, кој ќе се одржи во недела во 12 часот, поради трагедијата со Фросина, со порака дека тоа може да му се случи на сечие дете и дека е доста со улиците да владеат потенцијални убијци кои минуваат неказнето за своите прекршоци.
Извор: Фокус