
Во Центар Жупа не е обезбеден потребниот цензус
Во Општина Центар Жупа не е обезбеден потребниот цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело кое изнесува 7551 лице.
Во Општина Центар Жупа не е обезбеден потребниот цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело кое изнесува 7551 лице, потврди за МИА, Неџип Илјаз, претседател на Општинската изборна комисија.
Во оваа општина во трка за градоначалник беа тројца кандидати, Аријан Ибраим од Демократската партија на Турците, поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, кој се бореше за четврт мандат, Алил Емрула од Движење за национално единство на Турците и Инает Баки од Партијата за движење на Турците.
Овие три партии, како и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ имаа кандидатски листи за девет члена на општинскиот совет.
И на претходните избори во Општина Центар Жупа во двата круга на гласање не беше обезбеден потребниот цензус од 1/3 од вкупното гласачко тело.
Владата потоа го наименува за повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалник, актуелниот Аријан Ибраим.
Тој на повторените избори на 17 април следната година, кога имаше еден противкандидат, доби околу 80 отсто од гласовите, но поради необезбеден цензус истите беа повторени на 20 август, кога другиот кандидат се повлече, па Ибраим, го обезбеди третиот последователен мандат со над 80 отсто од гласовите.
Во оваа печалбарска општина во Единствениот избирачки список се 7551 лице, а според пописот во неа живеат 3720 жители.