Забранет отровен пестицид е откриен во пиперки од Северна Македонија кои биле увезени во Хрватска, објави Европскиот систем за брзо предупредување за храна, пренесе Н1.
„Во пиперките од Северна Македонија откриени се остатоци од пестицидот форметанат. Ризикот е сериозен“ – се вели во известувањето од Европскиот систем за брзо предупредување за храна.
Форметанат е исклучително ефикасен инсектицид кој се користи во производството на овошје и зеленчук. Многу земји сè уште го користат, но во ЕУ е забранет поради сомневање дека може да влијае на здравјето на луѓето.
Форметанатот е високо акутно токсичен доколку влезе во организмот по орален пат, умерено токсичен ако се вдишува и има ниска акутна токсичност ако се нанесува на кожата, се додава во веста на Н1.
Клинички знаци по акутна и хронична изложеност на форметанат кај стаорци се намалена телесна тежина, а кај кучињата прекумерна саливација, отежнато дишење, тремор, повраќање, кашлање.