Во Хрватска еднаш неделно ќе ги тестираат учениците за Ковид 19

Наскоро во Хрватска учениците ќе имаат обврска секој понеделник да се тестираат на коронавирус, пред да одат на училиште.

Информациите презентирани од „Јутарњи лист“ се дека во тек е изработка на план предложен од Министерството за наука и образование, согласно кој тестовите би биле дистрибуирани во сите училишта во Хрватска, по што би им биле поделени на родителите.

Учениците од прво одделение до завршни одделенија во гимназија би се тестирале дома еднаш неделно, а Министерството наскоро ќе објави подетални информации за тоа.

Медиумите во Хрватска јавуваат дека тестирањето на децата би можело да започне за десет дена. Само заразените деца ќе треба да останат дома.

Речиси 30.000 деца во Хрватска сега се заразени или се во самоизолација, најголем дел од нив основци.

И наставници се заразени.