
Турција соопшти дека ги завршува спасувачките напори во потрагата по преживеани во подрачјата погодени од разорниот земјотрес што на 6-ти февруари ги погоди јужните делови од земјата, но и северот од Сирија.
Официјалните податоци до сега покажуваат дека до сега вкупно во двете земји загинале над 46.000 лица, но овој број може да биде многу поголем со оглед дека во катастрофата уништени се 345.000 станови. Во моментов нема информации колку лица се водат како исчезнати.
На југот на Турција се регистрирани 40.642 жртви од земјотресот, изјави шефот на Управата за вонредни ситуации на Турција (АФАД) Јунуз Сезер, додека од соседна Сирија има повеќе од 5.800 загинати.
При последните спасувачки напори од под урнатините беше спасено тричлено семејство. Но по извлекувањето на пат кон болница почина нивниот 12 годишен син. Лекарите констатираа дека причина за смртта на детето е дехидратација.
Светската здравствена организација проценува дека хуманитарната помош е неопходна за 26 милиони луѓе во Турција и Сирија.