Во Тирана денеска ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес

Во Тирана се одржува состанок на министри за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, чиј домаќин е министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани.

Покрај шефовите на дипломатиите на земјите од Западен Балкан, како Косово, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина, на средбата ќе учествуваат и земјите членки вклучени во процесот, Австрија, Хрватска, Франција, Германија, Италија, Словенија и Обединетото Кралство.

Средбата ќе има две сесии, кои според најавата ќе бидат од затворен карактер, по што заедничка прес конференција ќе одржат домаќинот Хасани, германската министерка Аналена Бербок и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји.

– На сесиите ќе стане збор за зајакнување на регионалната димензија, подвлекување на посебната важност на овој процес во контекст на интеграцијата во ЕУ, зајакнување на посветеноста поврзана со Заедничкиот регионален пазар, четирите основни слободи, зелената и дигиталната агенда, усогласување со единствениот пазар на ЕУ, одржување на ревитализирачкиот моментум постигнат на годишниот Самит во Берлин, имплементација на договори за мобилност, зајакнување на односите меѓу државите од регионот, како и забрзување на европската интеграција, информираа од албанското министерство.

Според медиумите сепак “она што се очекува со посебен интерес е дискусијата за прашањето околу Косово и Србија во присуство на косовската министерка Донирав Грвала и на Србија, Ивица Дачиќ”.

Додаваат дека германската министерка Аналена Бербок ќе има одвоени средби со Грвала и Дачиќ, но под знак прашалник сеуште е дали таа ќе успее да реализира заедничка средба со нив.