Испитите во целата држава денеска почнаа навреме. Задолжителниот предмет од државната матура – мајчин јазик го полагаат вкупно 14834 пријавени матуранти. Учениците кои нема да го положат испитот во јуни, втората шанса ќе ја добијат во август, информираше директорката на Државен испитен центар, Билјана Михајловска.
Во изјава за медиуми по почетокот на испитот во СУГС „Орце Николов“ во Скопје, Михајловска рече дека денеска се полагаат три мајчини јазици.
– Денеска во цела држава испитите почнаа на време, материјалите беа доставени навреме. Сите ученици се во своите училишта. Денеска полагаат 14834 пријавени матуранти. Тие го полагаат задолжителниот предмет, мајчиниот јазик, односно македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература, рече таа.
Информираше дека сè се одвива во најдобар ред и рече оти очекува добри вести за крајот на полагањето, исто како и за резултатите на учениците.
Доколку некој од учениците ги прекрши правилата и препишува, како што дополни, неговиот испит ќе биде поништен.
Михајловска упати апел до учениците да не препишуваат и тестаторите да не дозволуваат препишување бидејќи, како што нагласи, не им прават добро на децата.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура, за јунската сесија се пријавени 10 088 кандидати за испитот по македонски јазик и литература, 4189 за албански јазик и литература и 315 кандидати за турски јазик и литература.
Вториот (изборен) екстерен испит ќе се полага на 8 јуни. Пријавени се 1356 кандидати за математика, 13 198 за англиски јазик, 37 за француски јазик, 114 за германски јазик, 84 за естетика и по еден кандидат за руски јазик и за филозофија.
Според видот на образование, 6341 матуранти се од гимназии, 8230 од стручно и 263 од уметничко образование.
Испитниот материјал ќе им биде доставен на училиштата утрото во деновите кога ќе биде полагањето, а почетокот на тестирањето за двата испита ќе биде во 10 часот.