Во среда или во четврток експертите за уставни измени ќе започнат со работа

Работната група за уставни измени се очекува в среда или во четврток да ја одржи првата седница. Ова за државната МИА го потврдиле од Министерството за правда.

Експертската работна група, како што информираа од Министерството за правда ќе ја сочинуваат Сали Мурати – поранешен претседател на Уставен суд, Маргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – поранешен уставен судија и професор по уставно право, Бранко Наумовски – поранешен претседател на Уставен суд, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Елена Михајлова Стратилати – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.

Партиите за членови во Работната група за уставни измени ги предложија Цветанка Иванова од СДСМ, Арбр Адеми од ДУИ, Ремзи Мехмеди од Алијанса на Албанците, Соња Мираковска од НСДП, Нано Ружин од ЛДП, Христа Најданов од ДОМ, Темелко Ристески од Партијата на пензионери, Раметула Куќи од ДПА, Еран Куртиш од Партијата за движење на Турците и Бејџан Илјас од Демократската партија на Турците.

Од институциите предложени се Александар Спасов од Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, Драган Тилев од Секретаријатот за европски прашања и Шпенд Садики од Министерството за надворешни работи.

Списокот на Работната група ќе се дополнува во наредниот период и со други членови кои ќе дадат свој придонес во подготовката на уставните измени.

Паралелно ќе се одржуваат и стручни јавни расправи на кои експерти, партии, граѓански организации и други институции ќе може да ги кажат своите ставови.

Опозицијата нема да биде дел од работната група, а тоа претставува хендикеп – рече во најновото издание на Трилинг, Маргарита Цаца Николовска – поранешна судијка и член на експертската група за уставни промени.

„По сите разговори досега, приоритетна работа е внесување на одредени групи во Уставот. Не станува збор само за Бугарите, станува збор веројатно и за Хрватите, Црногорците, колку што знам и за еврејската популација, сите тие кои што поднеле некакви барања во оваа насока. Дали другите елементи или другите прашања кои што претставуваат потреба да бидат внесени на одреден начин во Уставот во овој период не сум сигурна дека тоа е приоритет. Мислам дека ќе биде хендикеп тоа што опозицијата не е во работната група. Приоритетна работа е внесување на одредени групи во Уставот. Мандат имаат пратениците да постапуваат во целокупниот политички живот, немаат они мандат само врз основа на тоа што одредени политички партии, дали е позиција или опозиција, во дадениот момент размислуваат” рече таа.