Во Србија се гласа за претседател, за пратеници и за советници во Градско собрание

Над 6,5 милиони луѓе во соседна Србија од утринава во 7 часот, па се до вечер до 20 часот имаат право да го дадат својот глас на претседателските избори во земјата, но и да изберат пратеници во српскиот Парламент, како и да гласаат за советници во градското собрание на Белград и на уште 11 градови и општини низ земјата.

Изборите ќе се одвиваат на 8.267 избирачки места, а првпат нема да се гласа и во Косово поради одлуката на косовската Влада. Српските гласачи од Косово ќе гласаат во Тутин, Рашка, Куршумлија и Бујановац.

На претседателските избори учествуваат 8 кандидати, а нивниот редослед е одреден со ждрепка.

За парламентарните избори предложени се 19 коалициски и партиски листи, а редоследот на гласачкото ливче e утврден според редоследот по кој тие беа доставени до Републичката изборна комисија (РИК).

На парламентарните избори, според пропорционалниот систем, за Народното собрание на Република Србија се избираат 250 пратеници.

Во Белград граѓаните гласаат за новото свикување на Градското собрание кое го сочинуваат 110 советници, кои потоа ќе го изберат градоначалникот на главниот град на Србија.

Во единствениот избирачки список за подрачјето на град Белград се запишани 1.600.214 гласачи, кои гласаат на 1.198 избирачки места.

Локални избори се одржуваа и во Аранѓеловац, Кула, Мајданпек, Бор, Медвеѓа, Дољевац, Лучани, Севојно, Сечња, Смедеревска Паланка, Кладово и Бајина Башта.