Во Собранието почна лидерската средба за датумот за изборите

Во Собранието почна средбата на лидерите на најголемите парламентарни партии во земјата – владејачките СДСМ и коалицијата, ДУИ и Алијанса на Албанците и опозициските ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, партиите од Европскиот сојуз за промени на која треба да се разговара за претседателските и парламентарните избори 2024 година, но и за евроинтеграциите и техничката влада.

На средбата присуствува и претседателот на Собранието, Талат Џафери.

На средбата присуствуваат премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на Алијансата на Албанците, Арбен Таравари, лидерите од Европскиот сојуз за промена – Изет Меџити, Билал Касами, Африм Гаши, на НСДП – Горан Мисовски, на ДОМ – Маја Морачанин, на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на Демократскиот сојуз Павле Трајанов…

Првите луѓе на партиите се очекува да го договорат датумот за претседателските и парламентарните избори, а извесно е дека тие ќе се одржат во мај. Тие во јавните изјави веќе изразија согласност дека изборите би можеле да се одржат тогаш.

Евентуален втор круг од претседателските избори и парламентарните избори најверојатно ќе се одржат на 8 мај.

Првиот круг од претседателските избори во тој случај би бил на 24 април.