Г. г. Стефан – поглаварот на Македонската православна црква-Охридска Архиепископија и Вартоломеј – поглаварот на Вселенската патријаршија денеска во Соборниот храм „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул ја одржаа првата заедничка литургија по примањето на МПЦ-ОА во богослужбено и канонско единство со останатите православни цркви.
Архиепископот Стефан богослужеше на македонски јазик.
Оваа богослужба се случува откако во четвртокот на богослужба во манастирот „Балаклија” вселенскиот патријарх Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт за враќање во канонско единство со останатите православни цркви. Тогаш, Вартоломеј рече дека многумина православни верници се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква.
На литургијата во Истанбул присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, министерот за надворешни работи Бујар Османи, за одбрана Славјанка Петровска и за внатрешни работи Оливер Спасовски.
Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј минатата недела му го врачи документот (томос) за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на архиепископот Стефан, по заедничката литургија која ја служеа во Соборната црква во Белград со владици од двете цркви.
Пред врачувањето, Порфириј рече дека се создале услови и дека Охридската архиепископија има способност да биде самостојна црква.