Со заедничка изложба на македонски и бугарски сликари во Скопје беа отворени новите простории на државниот Бугарски културно-информативен центар. Настанот се одвиваше под засилено полициско присуство, што според бугарскиот министер за култура Велислав Минеков, воопшто не било потребно.
„Среќен сум од денешниот настан. Ова е уште еден мост, уште едно зближување, сепак сме братски народи“, рече Велислав Минеков.
Присуствуваше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, која кажа дека посакува да се всели нова енергија на релација Скопје-Софија. Таа додаде дека целта на овој центар во Скопје, но и македонскиот културно-информативен центар во Софија е ширење на културата и зближување на народите. Според неа, активно ќе се работи на поддршка во областа на култура меѓу двете земји.
Сепак, шоуто го украде Костадин Костадинов, претседателот на проруската партија во Бугарија „Преродба“, кој се појави со делегацијата од бугарското Собрание.
Прашан од новинарите, тој кажа дека не чувствува потреба да се извини за изјавата дека Македонија е втора бугарска држава.
„Зошто да се извинувам? За што? Вие чувствувајте се како сакате, ви пречи ли некој?“ – изјави Костадинов.