Иако поголемиот дел од светот има ригорозни мерки кога се работи за дочекот на новата 2022 година, граѓаните ширум Македонија ќе ја испратат старата и ќе ја дочекаат новата година со прослави на плоштадите, во туристичките центри, во кафеаните, рестораните, пабовите, за разлика од минатата година кога поради вирусот имаше рестриктивни мерки и забрани.
Од минатата недела на скопскиот плоштад има новогодишни украси, а поставени се и новогодишните куќички на населбата „Винтерленд“.
За новогодишната прослава на плоштадот „Македонија“, Град Скопје преговараше со македонски музички изведувачи. Според програмата, вечер од 21 часот, на скопскиот плоштад ќе можат да се слушнат групите „Пука козметика“, „ДНК“ и „Нокаут“, фолк пејачите Наум Петрески и Зуица Лазова, како и диџеј Славе.
Раководителот на Службата за Итна медицинска помош, Милица Бубало вчера за националната МИА изјави дека граѓаните не треба да консумираат многу алкохол и треба да се воздржат од користење пиротехнички средства и оружје. Таа посочи дека граѓаните треба да внесуваат умерени количини храна.