Народното собрание на Република Српска (РС) денеска, по целодневна расправа, ја усвои Декларацијата за заштита на националните и политичките права и заедничката иднина на српскиот народ, што претходно беше усвоена од владите на Србија и РС на Сесрпскиот сабор во Белград.
Декларацијата беше усвоена со 62 гласа „за“ и три гласа „против“.
Претходно, претставниците на владејачката коалиција одбија да ги прифатат амандманите на опозицијата со кои се бараше 9 јануари да остане Ден на РС, а не како што се наведува во Декларацијата, ден на создавањето на РС.
Претседателот на РС Милорад Додик на дебатата изјави дека Декларацијата е еден од историски најважните и, како што наведе, најмоќните документи на српскиот народ во целина.
„Декларацијата зборува за единството на српскиот народ и одговара на сите прашања и грижи од минатото и ни дава сила да продолжиме напред“, рече Додик во Народното собрание на РС.
Тој смета дека владите на РС и Србија и другите земји, каде што Србите можат да добијат поддршка, ќе изготват оперативни планови за спроведување на Декларацијата.