Во Романија втор круг од претседателските избори

Симион (38) води во повеќето анкети на јавното мислење пред вториот круг против центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, јавуваат британските медиуми.

Во Романија, утрово, во 7 часот, се отворија гласачките места за вториот круг од повторените претседателски избори, каде што за претседател би можел да биде избран кандидатот на крајната десница, евроскептикот Ѓорѓе Симион.

Симион (38) води во повеќето анкети на јавното мислење пред вториот круг против центристичкиот градоначалник на Букурешт, Никушор Дан, јавуваат британските медиуми.

Гласачките места ќе бидат отворени до 21 часот вечерва.

Романците со право на глас, или вкупно 19 милиони, можат да гласаат на кое било од 18.979-те избирачки места низ целата земја.

Во првиот круг од претседателските избори на 4 мај, Симион освои 40,94 проценти од гласовите, Никушор Дан 20,99 проценти од гласовите, додека кандидатот на владејачката коалиција, Крин Антонеску, освои 20,07 проценти од гласовите.

Симион се спротивставува на испраќањето воена помош на Украина, е критичен кон лидерството на ЕУ и го поддржува американскиот претседател Доналд Трамп. Неговата победа во Романија,земја членка на ЕУ и НАТО, би ризикувала нејзино изолирање во странство, нарушување на приватните инвестиции и дестабилизација на источното крило на НАТО, сметаат политичките аналитичари, пренесуваат британските медиуми.

Алијансата за обединување на Романците на Симион се разви од маргинална група против вакцинацијата за време на пандемијата на Ковид-19, во втора по големина партија во Романија. Како пратеник, Симион има историја на физичко и вербално насилство додека се судираше со други политичари, потсетуваат британските медиуми.

Тој рече дека се кае за своето однесување и дека „израснал во државник“.

Симион во минатото припаѓал на организирани фудбалски навивачки групи, често познати по насилството, и со години водел кампања за обединување со соседна Молдавија пред да влезе во политиката.

Доколку биде избран, Симеон посочи дека негов избор за премиер би можел да биде Калин Ѓорѓеску, кој се залага за национализација и преференцијален третман на компаниите во романска сопственост.

За време на телевизиска дебата минатата недела, Симеон рече дека на Романија треба да ѝ биде надоместена помошта што ѝ ја обезбедила на соседна Украина. Тој посочи дека ќе стави вето на воената помош од Брисел за Украина, нагласувајќи дека Европа треба да се потпре на НАТО за својата одбрана.

Второпласираниот Никушор Дан, 55-годишниот градоначалник на Букурешт, го опиша вториот круг како борба помеѓу „прозападната и антизападната насока за Романија“.

Анкетите на јавното мислење покажуваат дека разликата меѓу нив се намалува. Овој прогресивно-либерален, независен политичар се прослави како активист против мафијата за недвижности во Букурешт и беше ко-основач на зелено-либералната протестна партија „Сојуз за спасување на Романија“ (USR).

Дан има докторат по математика и се смета за чесен, некорумпиран, но не премногу успешен на својата позиција како градоначалник на Букурешт, бидејќи сам се бори против моќниот апарат, пренесуваат британските медиуми.

Ден живее со својата долгогодишна партнерка, со која има две деца, и се залага за безусловна поддршка на Украина. Тој важи за разумен, рационален политичар, кој аналитички пристапува кон проблемите и се стреми кон долгорочни решенија. Исто така, тој важи и за политичар близок до народот – на пример, тој го отвори главниот влез на градската администрација на Букурешт, што со децении се користеше само за одредени церемонии, за граѓаните.

Романија одржа повторени избори откако првиот круг од претседателските избори во ноември, на кој победи Калин Ѓорѓеску, беше поништен поради наводно руско вмешување во корист на Ѓорѓеску.

Москва ги отфрли овие обвинувања.

Претседателот на Романија има значајни овластувања, бидејќи е задолжен за одбранбениот совет кој одлучува за распоредување на воена помош, спроведува надворешна политика и има можност да стави вето на одлуките на ЕУ кои бараат едногласност меѓу земјите-членки, посетуваат британските медиуми.