Во регионот протести за поддршка на Палестина

Во главните градови на Босна и Херцеговина, на Црна Гора и на Србија, Сараево и Подгорица, на 22 октомври се одржаа собири за поддршка на палестинскиот народ.

На собирот во Сараево неколку илјади граѓани побараа прекин на гранатирањето на појасот Газа и на „уништувањето на палестинските цивили“. Граѓаните носеа палестински знамиња и транспаренти и порачаа дека осудуваат секаков вид на насилство и тероризам.

Градоначалничката на Сараево, Бенџамина Кариќ на собирот рече дека градот секогаш бил на вистинската страна на историјата и се борел за правда и вистина.

„Ние најдобро знаеме како е да немате вода, храна, знаеме како е кога гинат деца … Сараево како град кој бил под најдолга опсада во модерната историја има право да крене глас. Сараево е за мир и против убивања“, рече Кариќ.

Собирот го организираше палестинската заедница во Босна и Херцеговина, a слични настани беа организирани и во други градови во државата.

Прекин на бомбардирањето на Газа и воведување санкции за Израел побараа и повеќе стотина граѓани на собирот во Подгорица.

Настанот беше наречен „Црна Гора за Палестина“, се организираше пред канцелариите на Обединетите Нации во Подгорица, а насобраните граѓани носеа палестински знамиња и извикуваа „Слободна Палестина“.

„Бараме прекин на геноцидот, воведување санкции и бојкотирање на Израел, претседателот Јаков Милатовиќ и Владата да го осудат геноцидот. Бараме мир во Палестина бидејќи поголем судир скапо ќе го чини целиот свет“, рече студентот Јован Мандиќ, еден од учесниците на собирот.

„Стоп на масакрот во Газа“ беше пораката што испратена и на собирот во Белград што го организираше палестинската дијаспора во Србија и Друштвото за српско-палестинско пријателство.