Во притвор одат 12 од уапсените за пустошење на шуми, тројца во домашен притвор

Како резултат на нивните дејствија, била исечена дрвна маса во количина од 1.500.000 метри кубни, со вредност од 6.405.000.000 денари. Организаторите на групата извршиле нелегална сеча на дрвна маса, која потоа била транспортирана и продавана како легално исечена, со цел да се оствари противправна имотна корист, информираа од ОЈО.

Во 30 дневен притвор во ,,Шутка” одат 12 од уапсените во последната голема полициска акција, кога беа приведени 15 осомничени за пустошење на шуми. Останатите тројца, кои се повозрасни, а две се и жени, одат во куќен притвор, информираа денеска од Кривичниот суд.

Вчера пак од Обвинителството појаснија дека постапувајќи по кривичната пријава поднесена од МВР, јавниот обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 15 лица.

Осомничените, меѓу кои има началник, полицајци, директор… се товарат за сторени кривични дела: Злосторничко здружување и Пустошење на шуми, шестмина од нив и за Злоупотреба на службена положба и овластување, додека на првоосомничениот му се ставени на товар и кривични дела Давање поткуп, а на еден осомничен и кривично дело Примање поткуп.

-Во текот на 2025 година, двајца вработени во осомниченото правно лице и полициски службеник формирале група со цел стекнување противправна имотна корист преку злоупотреба на службената положба и овластувања, давање и примање поткуп, како и пустошење на шумите. Придружени од други осомничени, кои се вработени во различни институции (Министерството за внатрешни работи, ЈП Национални шуми подружница Малешево, Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и невработени лица), тие реализирале нелегални активности кои довеле до опустошување на шума во површина од 6.000 хектари, сопственост на ЈП Национални Шуми ПСШ Малешево.

Како резултат на нивните дејствија, била исечена дрвна маса во количина од 1.500.000 метри кубни, со вредност од 6.405.000.000 денари. Организаторите на групата извршиле нелегална сеча на дрвна маса, која потоа била транспортирана и продавана како легално исечена, со цел да се оствари противправна имотна корист, информираа од Обвинителството.

Групата била дополнително поддржана од полициски службеници кои не презеле мерки и ги информирале организаторите за полициските патроли, што им овозможило да го продолжат своето криминално дејствување. Осомничениот директор на ЈП Национални шуми – ПО Малешево ја одобрувал нелегалната сеча, а началникот на ОВР Делчево ги прикривал сторителите и средствата што биле користени за извршување на кривичното дело.

-Првосомничениот, во името и за сметка на осомниченото правно лице, во август и септември 2025 година му дал паричен подарок на директорот на ЈП Национални шуми, во вкупен износ од 6100 евра со цел да дозволи нелегална сеча на дрвна маса, и тоа пред да биде објавен јавен повик за опожарена дрвна маса, информираа од Обвинителството.