Анџело Ѓоргиевски – првоосомничениот за убиството на ракометарот Денис Тот од ноќеска е на издржување мерка триесетдневен притвор во затворот во скопска Шутка,
Министерството за внатрешни работи утринава го извести Основното јавно обвинителство Скопје дека е лишено од слобода лицето А.Ѓ. по кое се трагаше врз основа на издадена Наредба за спроведување истражна постапка за кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик, потврди со соопштеие Јавното обвинителство.
Лицето се предало на органите на прогонот на територијата на Скопје. За осомничениот, по предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје веќе има донесено решение за определување мерка притвор во траење од 30 дена.
Во официјалното соопштение на МВР се вели:
„А.Ѓ.(28) , првоосомничениот за кривичното дело убиство на Денис Тот ноќеска (13.04.2022) околу 02 часот е спроведен во КПУ Затвор Скопје за издржување на мерката притвор, одредена од надлежниот суд. Тој беше баран по потерница односно Наредба – XL КО. бр. 1211/22 од 12.04.2022 год. на ОЈО Скопје поради основано сомневање за сторено кривично дело „Убиство“ по чл. 123 од КЗ на РСМ.
По преземени интезнивни мерки и активности за негово пронаоѓање и приведување, лицето околу 01.20 часот се предало на полициски службеници од Оперативен тим Потраги на подрачје на нас. Аеродром“.
Ѓоргиевски се бараше со централен распис и со меѓународна потерница, затоа што за него постои основано сомнение дека е извршител на кривично дело убиство.
Минатата недела пред ноќниот клуб „Привилиџ“ тој му задал смртоносен удар на ракометарот Денис Тот, кој потоа им подлегна на повредите на КАРИЛ.
Другите двајца осомничени за убиството на Денис Тот, исто така се во притвор. Станува збор за 19 годишна девојка и 22 годишно момче.