Во Пакистан за само 6 години бројот на население порасна за 35 милиони

Населението на Пакистан порасна за 35 милиони за само шест години и сега изнесува 250 милиони, според последниот попис.

Годишната стапка на раст од 2,5 отсто е „голем предизвик“ за земјата, рече во саботата премиерот Шехбаз Шариф, додавајќи дека стапката е повисока од економскиот раст.

По долгогодишно финансиско лошо управување, економијата на Пакистан почна да колабира, што дополнително беше влошено од пандемијата на ковид, светската енергетска криза и рекордните поплави што зафатија третина од земјата во 2022 година.

Нешто повеќе од 37 отсто од населението живеело под прагот на сиромаштија во 2023 година, со помалку од 3,65 долари дневно, според Светската банка.

Пописот на населението, прв дигитален, беше спроведен во мај годинава.

Шариф рече дека следните избори, закажани за крајот на годината, ќе се засноваат на податоците од пописот што се користат за одредување на изборните единици.

Министерот за правда Азам Назир Тарар предупреди дека поради обемната работа, изборите може да се одложат за два ипол месеци.