Во Охрид отворена 16. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура организирана од Народната банка

Пред учесниците на собирот организиран заедно со Холандската централна банка се обрати гувернерот Трајко Славески, кој ја посочи стратешката важност од интеграцијата на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како дел од активностите за поголема регионална интеграција и потврда на подготвеноста на земјата за целосна интеграција на финансискиот систем во европската рамка.

Забрзаните технолошки циклуси и појавата на нови деловни модели го менуваат пејзажот на плаќањата и пазарната инфраструктура. Очекувањата за поголема брзина во процесите на плаќање, поголема отпорност, поголема транспарентност, вклученост и безбедност на процесите се предизвиците за кои ќе се разговара во рамки на 16. Конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура што во организација на Народната банка од денеска се одржува во Охрид.

Пред учесниците на собирот организиран заедно со Холандската централна банка се обрати гувернерот Трајко Славески, кој ја посочи стратешката важност од интеграцијата на Македонија во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како дел од активностите за поголема регионална интеграција и потврда на подготвеноста на земјата за целосна интеграција на финансискиот систем во европската рамка.

-Членстовото во СЕПА ја одразува нашата посветеност кон усвојувањето европски стандарди, дека нашите граѓани и бизниси ќе имаат побрзи, поевтини и побезбедни плаќања во евра. На долг рок тоа ќе донесе трајни предности, обезбедувајќи им на идните генерации повеќе можности, посилни економски врски и целосна вклученост во европскиот пејзаж на единствено плаќање, рече Славески.

Македонија заедно со Албанија, Црна Гора и Молдавија станаа дел од СЕПА, односно ги почнаа трансакциите во рами на платениот систем на 7-ми овој месец, што е конкретен чекор кон финансиска и економска конвергенција со ЕУ.

СЕПА обезбедува брзи, достапни и безбедни плаќања, што се реални и мерливи придобивки. Проценките покажуваат дека испраќањето дознаки до македонските приматели преку традиционални аранжмани чинат до 6,71 процент од вредноста на трансакцијата. Прекуграничните дознаки во регионот на Западен Балкан се за 32 проценти поскапи од трансферите во други делови на светот, што ќе биде отстрането со членството на регионот во СЕПА.

-За деловните претпријатија членството во СЕПА нуди значително намалување на трансакциските трошоци и зголемување на предвидливоста и ефикасноста. Наспроти 0,58 проценти наплата за трансфер на пет илјади евра или 0,38 отсто за плаќања на 20 илјади евра, трансферите во рамките на ЕУ преку СЕПА чинат само 0,01 процент од трансакцијата, посочи Славески.

Гувернерот освен заштедите посочи дека интеграцијата на регионот во СЕПА дополнително ќе ја промовира трговијата и инвестициите, ќе ги поддржи претприемачите, но и ќе ја зајакне довербата на регионот во институциите на ЕУ, демонстрирајќи ги реалните придобивки од усогласувањето со европските стандарди.

За членството во СЕПА Славески истакна дека е целосно усогласена со акцискиот план на владите на државите од Западен Балкан за воспоставување заеднички регионален пазар што дава приоритет на модернизацијата на платните системи, регионалното меѓусебно поврзување и, како што посочи, интеграцијата во ТИПС системот на Европската централна банка.

-Регионалната иницијатива слична на ТИПС ќе придонесе инстант плаќањата да бидат интероперабилни, безбедни и достапни – со јаcни нивоа на услуги и робусно порамнување. Овозможувајќи инстант и безбедни трансфери, оваа платформа ќе ги поврзе нашите системи за плаќање, и меѓу себе и со поширокиот европски екосистем за плаќање. Инстант плаќањата ќе ги охрабрат бизнисите и потрошувачите помалку да се потпираат на готовината, овозможувајќи побрзи трансакции, побезбедни и потранспарентни. Тоа, пак, ќе помогне во намалувањето на сивата економија и насочувањето на повеќе средства низ формалниот финансиски систем, поддржувајќи го растот и развојот, нагласи гувернерот Славески.

Сите тие активности претставуват комплементарни столбови на интеграција, вклученот, иновации и заеднички напредок.

-На крајот на краиштата, тие покажуваат дека регионалната и европската соработка може да донесат опипливи резултати коишто го подобруваат секојдневниот живот на нашите граѓани, рече тој.

Свое обраќање преку видео-врска имаше и директорката на Секторот за плаќања од Централната банка на Холандија, Инге ван Дијк, која истакна дека избраната тема на диускусиисте предвидени во рамки на Конференцијата во Охрид не може да биде поправовремена, со оглед на темелните промени во процесите на порамнувањата и плаќањата во светот.

-Дигитализацијата, иновациите и глобализацијата го менуваат пејжазот на реализацијата на процесите на плаќањата и финансиските трансакции, а оваа конференција како и секогаш има за цел да придонесе за развој на доработката низ европските земји, рече таа.

На собирот во Охрид ќе се разгледаат и финтек-иновациите и улогата на небанкарските даватели на платежни услуги во проширувањето на пристапот до услугите за плаќање и за граѓаните и за компаниите. Ќе се зборува и за токенизацијата и нарушувањата во дигиталните плаќања, за сите отворени можности но и предизвиците исправени пред регионот. Собирот во Охрид секако е добра можност за интензивирана соработка преку учење и размена на искуства кон поттикнување поврзана, практична и колегијална заедница.