Во општинскиот регистар дискотеката „Пулс“ не постоела, уплатите за лиценца ги вршеле „Класик ДМ“ и „ММММ“

Во општинскиот даночен регистар на Кочани дискотеката „Пулс“ не фигурирала како правно лице, туку обврските за лиценца и за фирмарина ги намирувале правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ“. Ова го истакна Дејан Рашков, раководител на општинскиот Сектор за финансиски прашања, на денешното рочиште за пожарот во кочанската дискотека.

Во општинскиот даночен регистар на Кочани дискотеката „Пулс“ не фигурирала како правно лице, туку обврските за лиценца и за фирмарина ги намирувале правните субјекти „Класик ДМ“ и „ММММ“. Ова го истакна Дејан Рашков, раководител на општинскиот Сектор за финансиски прашања, на денешното рочиште за пожарот во кочанската дискотека.

Одговарајќи на прашања на Јавното обвинителство, Рашков појасни дека Општината нема ингеренции за издавање лиценци за ноќен клуб или кабаре, туку тоа го прави Министерството за економија, а уплатите се делат на половина меѓу централниот и локалниот буџет.

– Правното лице мора да добие решение за да ги уплати тие пари. Решението е од Министерството за економија и по него се врши уплата на уплатна сметка. Сметката е така направена од Министерството за финансии за 50 отсто да одат на сметка на Општина Кочани, 50 проценти до Буџетот – рече Рашков.

Тој посочи дека за конкретниот случај биле уплатени 246.000 денари, од кои половина легнале на сметката на Општината, но не можеше да прецизира дали износот бил за лиценца за кабаре или за дискотека. На прашањето дали имало уплати директно од дискотеката „Пулс“, сведокот беше дециден дека таков субјект не постоел во нивната евиденција.

– Кога се случи настанот имавме инспекција и ги проверувавме сите даночни обврзници и утврдивме дека како правно лице не постои – нагласи сведокот.

Во исказот Рашков рече и дека не знае колку дискотеки има во Кочани, ниту колку кабареа има во градот. Тој наведе и дека за „Класик ДМ“ дознал дури по трагичниот настан, кога, како што кажа, дознал и дека „ММММ“ е правен следбеник на „Класик ДМ“.

На ваквиот исказ реагираа родителите на загинатите во пожарот кои го следат судскиот процес, посочувајќи дека, според нив, сведокот секојдневно го посетувал кафулето „Класик“ во центарот на Кочани.

Во однос на прашањата за евентуални инспекциски надзори во објектот, Рашков, кој во периодот од јануари 2022 до декември 2023 година бил и секретар на Општина Кочани, истакна дека општинските инспектори дејствуваат независно и одговараат само пред градоначалникот, но не се под ингеренција на секретарот.

– Инспекциските служби делуваат самостојно и независно, сами може да донесуваат записници, потпишуваат и донесуваат решенија, тие имаат соодветни лиценци да го потпишат записникот, решението и целата документација во однос на Законот за инспекциски надзор. Според Законот, инспекторите и раководителите на инспекциските служби одговараат пред градоначалникот – рече Рашков и додаде дека не е запознаен дали во тој период бил извршен надзор врз објектот „Пулс“.

При вкрстеното испитување од страна на бранителката на првообвинетиот, Ивана Коцевска, Рашков потврди дека Општината ја утврдува висината на надоместокот и дека правните лица „Класик ДМ“ и „ММММ“ вршеле уплати по тој основ. Воедно, тој се согласи со констатацијата на одбраната дека сопственикот на објектот не е должен да ја извести Општината за организација на настан во кабаре или дискотека.

На денешното рочиште претходно сведочеше и раководител на Одделението за уредување на градежно земјиште во Општина Кочани,кој посочи дека Општината се обратила до Министерството за економија и Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) за да не се издаде лиценца за работа на дискотеката „Пулс“ бидејќи објектот се наоѓал во зона за лесна и незагадувачка индустрија.