Во Молдавија се одржуваат претседателски избори и референдум за ЕУ

Граѓаните на Молдавија денеска избираат претседател и гласаат на референдум за внесување во Уставот дека цел на земјата е членство во ЕУ

Граѓаните на Молдавија денеска избираат претседател и гласаат на референдум за внесување во Уставот дека цел на земјата е членство во ЕУ.

Прозападната претседателка Маја Санду (52) се надева дека ќе обезбеди втор мандат и поддршка на референдумот за да се потврди пристапувањето кон ЕУ како стратешка цел во уставот.

Анкетите укажуваат дека Санду може да победи на изборите, каде што се натпреваруваат 11 кандидати, како и дека мнозинството ќе го поддржи пристапувањето кон Унијата.

Ако ниту еден од 11 претседателски кандидати не освои повеќе од 50 проценти од гласовите во првиот круг, вториот круг ќе се одржи на 3 ноември.

Според анкетите Санду има поддршка од 35,8 отсто, што е далеку повисока од кој било од останатите десет кандидати. Нејзините двајца најголеми противници поранешниот обвинител поддржан од традиционално проруската Социјалистичка партија, Александар Стојаногло, кој има девет проценти поддршка, и поранешниот градоначалник на Балти, Ренато Усати со 6,4 отсто поддршка од граѓаните.

Маја Санду, поранешна вработена во Светска банка, победи на изборите во ноември 2020 година како антикорупциска реформаторка со проевропска агенда.

Според испитувањето на јавното мислење околу 65 проценти од гласачите ќе го поддржат европскиот пат на земјата.

Санду и нејзините сојузници предупредија на потенцијално руско мешање во изборите, обвинувајќи ја Москва за организирање кампањи за купување гласови и ширење дезинформации. Прорускиот бизнисмен во бегство, Илан Шор е осомничен дека водел дестабилизирачка кампања од Москва.

Молдавската Влада ја обвинува Русија и земјите блиски до неа дека се обидуваат да влијаат врз изборниот процес плаќајќи на десетици илјади лица за да гласаат поинаку.

Полицијата тврди дека мрежа управувана од Русија подмитила 130.000 гласачи да гласаат „не“ и да поддржат кандидати што ги претпочита Москва.

Проруските партии водеа кампања за бојкот и доколку не се постигне прагот од 33 проценти регистрирани гласачи потребен за потврда на резултатите од референдумот, европскиот пат на Молдавија би бил ослабен.