Во Македонски Брод ловци спасија 76 годишен старец – го нападнала мечка

Центарот за управување со кризи соопшти дека во понеделникот, помеѓу селото Пласница и Ораовец, Општина Македонски Брод, мечка нападнала и каснала возрасен човек, кој бил спасен од ловџии што случајно биле на лов во близина на местото на нападот.

Откако слушнале повици за помош, тие пукале неколку пати во воздух, по што мечката побегнала, а нападнатото лице било преплашено и се здобило со телесни повреди.

– Одеднаш ми се појави мечката, и ме бутна на земја. Ја покрив главата со рака и таа ме касна, многу се исплашив. Почнав да барам помош и мечката која веројатно беше тешка 500 килограми, се сврте и си замина, а јас останав на земја шокиран од случката. Ми течеше крв и ловџиите ме однесоа во болницата во Кичево каде ми ги санираа повредите. Многу лошо се чуствувам, имав ноќен кошмар. Му благодарам на бога што се спасив, на такво диво животно не може човек да се спротивстави, раскажува нападнатиот Минче Рамчески.

Додека надлежните институции бараат локации каде што би се дислоцирале мечките од Општина Маврово и Ростуше, обврска што им беше наметната со одлука донесена од Владата, дивите животни сè уште слободно шетаат, напаѓаат луѓе и ги вознемируваат жителите.

Центарот за управување со кризи соопшти дека во понеделникот, помеѓу селото Пласница и Ораоец, во реонот на Старо село, Општина Македонски Брод, мечка го нападнала и каснала 76-годишниот старец Минче Рамчески од село Пласница. Тој бил спасен од ловџии што случајно биле на лов во близина на местото на нападот и ги слушнале повиците за помош.

– Откако слушнале повици за помош, тие пукале неколку пати во воздух, по што мечката побегнала, а нападнатото лице било преплашено и се здобило со телесни повреди – известија од ЦУК.

Оттаму испратија фотографија од која може да се види дека човекот има три рани од заби на половината од левата страна.

– Одеднаш ми се појави мечката, и ме бутна на земја. Ја покрив главата со рака и таа ме касна, многу се исплашив. Почнав да барам помош и мечката која веројатно беше тешка 500 килограми, се сврте и си замина, а јас останав на земја шокиран од случката. Ми течеше крв и ловџиите ме однесоа во болницата во Кичево каде ми ги санираа повредите. Многу лошо се чуствувам, имав ноќен кошмар. Му благодарам на бога што се спасив, на такво диво животно не може човек да се спротивстави – раскажува Рамчески.

Тој не памети досега во ова село мечка да нападне човек. Смета дека треба надлежните да преземат мерки за да не се загрозува животот и безбедноста на луѓето, дури смета дека мечките што напаѓаат треба да бидат застрелани, иако се заштитени животни.

Од Министерството за животна средина изјавија за ВЕЧЕР дека се во постапка да го реализираат задолжението од Владата.

– Треба да дојдат претставници од Хрватска, специјализирана компанија што има опрема со чија помош би се извела дислокацијата на мечките. Во моментот, со Агенцијата за храна и ветеринарство бараме начин да го набавиме средството, односно ампулите за успивање на мечките, бидејќи не се на нашата листа. Се надеваме дека во наредните две недели активностите ќе се реализираат, а во меѓувреме чекаме и од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да ни определи две-три локации каде што би ги довеле мечките – информираа од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Имено, според одлуката на Владата, донесена на почетокот од октомври, задолженијата што министерствата треба да ги спроведат се со точно определени рокови и со нив се предвидува изработка на акциски план за управување со кафеавата мечка, формирање интервентен тим и список на можни локации за дислоцирање на овие животни.

Министерството за животна средина во рок од 12 месеци треба да изработи акциски план за управување со кафеавата мечка за територијата на Република Македонија. Исто така, е задолжено во рок од три месеци да направи анализа од регионот за формирање интервентен тим за крупни ѕверови и да ја информира Владата.

За координација на активностите на институциите, како што информираа од Владата, е задолжен директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

– Директорот на Центарот за управување со кризи е задолжен да ја организира координацијата на активностите на институциите при спроведување на мерките, да организира и спроведува контрола над нивната имплементација, како и да предлага нови мерки, покрај донесените и препорачани од надлежните институции, за создавање услови за намалување на појавата на кафеава мечка во урбана средина – информираа од Владата.