
Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е прашање на кое мора да му се посвети посебно внимание, а притоа да се земат предвид демографските показатели, животниот век и квалитетот на живот. Животниот век во земјава е понизок од светскиот просек и следствено на тоа се скратува периодот на користење на пензијата, велат од пензиските друштва.
Согласни се дека прашањето за зголемувањето на старосната граница за пензионирање е болно прашање, но сметаат дека за него треба да се отвори широка дебата во која ќе бидат вклучени сите засегнати страни.
– Во Македонија во просек старосниот век е понизок од светскиот просек. Во таа смисла, треба добро да се размисли за оваа мерка бидејќи таа е поврзана и со економскиот развој и со можноста на луѓето да ги користат средствата во пензија. Се додека е ваков животниот век на нашето население, пресметките укажуваат дека тоа не е многу поволна мерка за зголемување на старосната граница бидејќи со тоа се скратува и периодот на користење на средствата. Но, тоа е прашање што треба да се следи и да се адаптира, смета Снежана Станковиќ од „Сава пензиско друштво“.
На 20-годишнината од реформата во пензискиот систем, претставниците на пензиските друштва се согласни дека најболниот период од реформата е поминат и дека треба да се продолжи со реформата.
– Проценките за населението забрзано се остваруваат. Првата проценка беше дека околу 2050 година ќе бидеме од милион и 900 до два милиони жители, а денес во 2025 година сме еден милион и 800 жители. Најновата проценка е дека 2050 година ќе бидеме милион и пол. Сето тоа зборува за неодржливост на првиот пензиски столб, односно за недоволност на средства и обврска да продолжиме со реформите за развој на задолжителниот втор капитално финансиран пензиски столб и за третиот кој има значајна улога за сигурни, стабилни и редовни пензии, вели Станковиќ.
На почетокот на пензиската реформа, се одвојуваа 21,4 проценти за првиот пензиски столб од кои 7,42 проценти одеа за вториот пензиски столб, додека сега тој процент е намален и изнесува 18,5 проценти од кои 6 проценти одат за вториот пензиски столб.
– Една студија покажа дека за стабилни и одржливи пензии кои ќе обезбедат ист квалитет на луѓето е доколку во текот на целиот работен век се одвојуваат средства од 7 до 10 проценти од бруто приходот на индивидуалецот. Тоа значи дека треба да се размислува или во насока на зголемување на делот во задолжителниот пензиски фонд или започнување на плаќањето во доброволниот пензиски фонд, вели Весна Стојановска од КБ Прво пензиско друштво.
Пензиските друштва со порака до граѓаните дека пензиските столбови се сигурни и стабилни и препорака да инвестираат во третиот доброволен пензиски столб.
– Третиот пензиски фонд е доброволен и луѓето може да одвојуваат средства согласно своите можности. Препораката е што порано да се штеди во третиот столб. За да имаме активна и квалитетна старост треба да одвојуваме средства во третиот доборволен пензиски столб, вели Станковиќ.
Според податоците на МАПАС, што ги изнесе директорот Ремзи Бајрами, во вториот пензиски столб има над 620 илјади членови и над 170 милијарди денари средства, а во третиот пензиски столб 35 илјади членови, а средствата се на ниво од 4,7 милијарди денари.
На 20 годишнината од реформата во пензискиот систем, пензиските друштва со кампања „Засади желба за стабилна иднина“.