Во Калифорнија прогласена вонредна состојба, снежната покривка надмина три метри

Во американската сојузна држава Калифорнија, во десетици окрузи е прогласена вонредна состојба поради зимски бури што ја зафатија земјата и ја прекрија државата со снег.

Спасувачките екипи работат деноноќно со цел да им пристапат на заедниците во планинските региони отсечени од останатиот дел.

Повеќе од 75.000 жители вчера останаа без електрична енергија. Во округот Сан Бернардино, источно од Лос Анџелес, снегот се отстранува 24 часа на ден, но ќе биде потребно повеќе од една недела да стигне до некои области, велат надлежните.

Некои области беа погодени од наноси од повеќе од три метри снег. Во моментов воспоставени се телефонски линии за жителите кои се соочуваат со проблеми поради снегот и ниските температури но и со недостаток на храна.