Во Израел е одобрена четврта доза од вакцина против Ковид-19 за сите луѓе постари од 60 години и за медицинскиот персонал. Ова синоќа го соопшти премиерот Нафтали Бенет. Тој рече дека Министерството за здравство ја одобрило одлуката два дена по одобрувањето на четвртата доза за групи со висок ризик.
„Бранот со Омикрон е тука и треба да се заштитиме“ рече Бенет.
Во четвртокот Израел ја прими првата пратка таблети против коронавирус од фармацевтската компанија „Фајзер“ во време кога бројот на заразени продолжува да расте поради сојот – Омикрон.
Во Израел деновиве има голем пораст на инфекции, но засега не е потврдено ново зголемување на хоспитализираните случаи.